„Зборови што оставаат лузни“- Истражувачки извештај за онлајн говорот на омраза
Со задоволство го претставуваме најновиот истражувачки извештај: „Зборови што оставаат лузни: Мапирање и разбирање на онлајн говорот на омраза во Северна Македонија и Западен Балкан (2022-2025)“.
Овој извештај нуди сеопфатна анализа на состојбата со говорот на омраза во дигиталниот простор, базирана на комбиниран пристап што вклучува квантитативни податоци, мониторинг на социјални мрежи и квалитативни увиди од засегнатите заедници.
Истражувањето опфаќа повеќе од 3.000 анализирани објави и ги разгледува трендовите, формите и целните групи на говорот на омраза во периодот од 2022 до 2025 година. Особено внимание е посветено на влијанието врз ранливите групи, како и на улогата на социјалните мрежи во ширењето на овие наративи.
Наодите покажуваат дека говорот на омраза е широко распространет и често нормализиран во онлајн комуникацијата. Жените и етничките заедници се меѓу најчесто таргетираните групи, додека платформите како Facebook, YouTube и TikTok играат значајна улога во неговото ширење. Истражувањето укажува дека дел од содржините со говор на омраза остануваат онлајн затоа што не се секогаш препознаени од системите за модерација, а корисниците ретко ги пријавуваат. Ова овозможува ваквите содржини да продолжат да се шират и да влијаат врз јавниот дискурс.
Извештајот не само што ја документира состојбата, туку нуди и препораки за подобрување на дигиталната средина преку соработка меѓу институциите, платформите, медиумите и граѓанските организации.
👉 Целосниот извештај на македонски и англиски јазик можете да го симнете/прочитате тука:


